Доминација на Хамилтон во Катар, Алонсо по седум години пак на подиум

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, за првпат во својата кариера триумфираше на трката за Големата награда на Катар, што се возеше како 20-та од овогодинешниот шампионат во Формула 1.

Седумкратниот светски шампион на патеката „Лосаил“ стигна до седмата победа сезонава, а вкупно 102-ра во кариерата, откако имаше доминантен настап и водеше од самиот старт, па се до целта.

Второто место го зазеде Макс Верстапен со болидот на Ред Бул, а неговото заостанување во однос на Британецот беше 10 секунди. На третото скалило на подиумот се најде легендата на овој спорт, Фернандо Алонсо, кој за првпат по пауза од седум години е меѓу најдобрите тројца возачи на една Ф1 трка. Шпанскиот ас последен пат на подиумот се искачи во 2014 година, на трката во Унгарија.

Со денешната победа во генералниот пласман Хамилтон се доближи на само осум поени негатива во однос на Верстапен, што значи пред нас претстојат уште две супер-неизвесни трки во Формула 1 шампионатот.