Дојде време за Формула 1: Ферари и Мерцедес го напаѓаат врвот на Ред Бул

Со првите официјални тренинзи денес, се крева завесата на новата Формула 1 сезона. Титулата повторно и оваа година ја брани Макс Верстапен, кој демонстрира доминација и супериорност во минатата. Ред Бул беше и шампион во битката на конструкторите по долга пауза, а амбициите не се менуваат ниту сега. 

Драстични промени како минатогодишните нема. Тимовите оваа година влегуваат само поискусни од претходната, веројатно знаејќи ги маните кои нивните болиди ги имаа. Нови изуми и натаму постојат, се менуваат концептите за аеродинамичност, тимовите се обидуваат со нови форми на подот, крилата и сите елементи кои може да донесат било каква предност. Сепак, по сè изгледа дека Ред Бул и натаму е најбрз. Иако тестовите не беа идеални за тимот од Австрија, добро упатените извори најавуваат дека шампионите се сè уште без конкуренција. 

Во новата сезона драстична е промената во Ферари. Од водечката позиција замина Матија Биното, а го наследи Фредерик Васер. Екс-директорот на Алфа Ромео ќе се обиде да ги „сврти картите“ и да ја среди конфузијата во култниот тим. Иако и натаму не се зборува јавно за тоа, јасно е дека повеќе нема да има дилема кој е прв возач и таа улога ќе ја преземе Шарл Леклер. Второпласираниот од минатата сезона треба да го предизвика Верстапен, а Саинц да му биде поддршка. Надеж за „подобро утре“ има и во таборот на Мерцедес. Тимот реши дека е време да се врати „во црно“, по ланскиот сив болид. Луис Хамилтон и натаму е „гладен“ за победи, а таа опција ја немаше во ланското „сивило“. Тука е и младиот Џорџ Расел кој покажа зошто ја доби довербата на Мерцедес. 

Силите во Формула 1 не се променија драстично, доста работи се исти како минатата сезона, барем кога се зборува за водечките тимови. Одлична форма во подготовките за сезоната покажа Астон Мартин, додека разочараа Мекларен, Алпин... 

Првиот тренинг денес е на програмата во 12:30 часот, додека вториот е од 16:00. Утре има уште едно тестирање половина час после пладне, додека квалификациите и трката во Бахреин се во терминот од 16:00 часот.