ВИДЕО: Денот кога во вечноста замина најголемиот Ф1-пилот на сите времиња – Аиртон Сена!

На денешен ден пред 29 години легендарниот Формула 1 возач, Аиртон Сена, го загуби својот живот на трката за големата награда на Сан Марино. Бразилецот кој беше еден од најдобрите Формула 1 возачи на сите времиња, почина на 34-годишна возраст откако ја загуби контролата над својот болид при брзина од над 300км/ч и удри директно во ѕид на патеката „Енцо и Дино Ферари“.

Легендарниот Сена во својата богата кариера извојува 41 победа во Формула 1 и уште 39 пати се искачи на победничкиот подиум, освои три шампионски титули и остана како „крал“ на квалификациите и најдобар возач во историјата по врнежливи услови. Тој владееше низ улиците во Монте Карло, а од своето деби во 1984 година беше член на Толеман, Лотус, Мекларен и Вилијамс.

Едно е сигурно, без Аиртон Сена, Формула 1 натпреварувањето не е исто, бидејќи во тоа време тој беше најомилеиниот возач и имаше голем број на верни фанови кои го пратеа на сите трки. 

И сега по 29 години многу се размислува за тоа „што би се случило“ доколку Сена останеше на Ф1 патеките, но едно е сигурно Бразилецот беше уникатен, по стилот на возење се разликуваше од останатите, некои не го сакаа, но сепак тој е еден од легендите на ова натпреварување.