• Иван Димовски

Македонскиот автомобилист Виктор Давидовски го имаше најуспешниот викенд оваа сезона во ТЦР Европа. Тој успеа да заврши на подиумот, освојувајќи го третото место на една од двете трки на култната патека во Монца.
Сезонава Давидовски имаше доста проблеми од техничка природа, како и судири, па ова за него е најдобар резултат досега, иако веројатно е способен за подобар пласман.
„По многуте викенди со технички проблеми, судири и разни малери, задоволен сум што успеав да го реализирам потенцијалот со освојување на трофејот за третото место во првата трка. За неколку илјадити делови од секундата загубив дури две стартни позиции, откако поголемиот дел од квалификациите ги минав со најдобро време, но клубската политика е таква што податоците за штелувањата се достапни за сите, па тимските колеги можеа да го видат мојот сет-ап.
Не сакав да преземам многу ризици бидејќи овој подиум во Монца навистина го посакував, па само се грижев да го чувам Коронел зад мене во првата трка, но и тој возеше мудро со оглед на тоа што се бори за шампионската титула. Да се биде во иста секунда со победникот доволно кажува како податок. Искрено, очекував повеќе од втората трка, но втората половина возев со вклучен аларм за можен дефект на ладилникот и не бев во ситуација да притискам како во првата. Механичарите ќе имаат работа да проверат дали сè е во ред со моторот и дали ќе имам потреба од нов за идната трка, што би можело да ми донесе казна на стартот во Барселона“, изјави Давидовски.
Последниот тркачки викенд во серијата ТЦР Европа ќе биде од 20 до 22 октомври во Барселона.