• Саше Љолес
Италијанецот Флавио Бријаторе, советник и оперативен шеф на тимот Алпин Ф1, изјави дека германскиот производител Мерцедес-Бенц е заинтересиран да купи малцински удел во тимот.
Според неговите зборови, Мерцедес е еден од неколкуте потенцијални купувачи на околу 24 проценти од акциите во тимот. Тие акции моментално ги поседува инвестицискиот конзорциум „Остро Капитал“, кој пред неколку години вложи значителни средства во тимот.
Бријаторе објасни дека преговорите се водат со самата компанија Мерцедес, а не лично со директорот на нивниот тим Тото Волф, и дека постојат уште неколку заинтересирани страни.
„Секој ден носи нови ситуации. Не знам што е најново, но знам дека се преговара со Мерцедес, а не директно со Тото. Во овој момент имаме три или четири потенцијални купувачи на уделот во тимот“, рече Бријаторе.
Доколку дојде до договор, Мерцедес би станал малцински сопственик на тимот Алпин, но француската автомобилска група Рено и понатаму би го задржала мнозинскиот удел и контролата врз тимот.
Во последните години вредноста на тимовите во Формула 1 значително порасна, па се очекува евентуалната продажба на овој удел да биде многу поскапа од сумата платена при првичната инвестиција.