Болидот го изневери Леклер, трета победа во низа за Верстапен

Верстапен

Макс Верстапен продолжи да доминира и запиша победа на патеката во Барселона за Големата награда на Шпанија.

Холанѓанецот на стартот не успеа да го претекне Чарлс Леклер и продолжи на втората позиција. Потоа направи грешка, поради која падна на четвртото место. Серхио Перез му ја препушти својата позиција, па тоа значеше дека шампионот ќе има директен дуел со Џорџ Расел. Проблемите со ДРС-системот го оневозможија холандскиот возач да направи нешто повеќе и да се врати на второто место.

Наместо тоа, дочека проблем со болидот на Леклер, кој ја напушти трката, и по неколку менувања на пневматици застана на врвот. Ред Бул го комплетираше одличниот викенд со втоа позиција на Перез, а третото место му припадна на одличниот Расел. Во последниот круг Луис Хамилтон падна на петтата позиција, а пред него се пласира Карлос Саинц.

Бранителот на титулата сега го презеде водечкото место во генералниот пласман, пред Леклер и Перез. Следната трка за една недела се вози низ улиците во Монако.