• Саше Љолес
Астон Мартин доживеа необична ситуација на патеката во Баку - двата негови болиди не ги прикажаа очекуваните перформанси и беа побавни од сите болиди во Формула 2!
Фернандо Алонсо на тренингот достигна максимална брзина од 311 километри на час, додека Ленс Строл стигна до 309 км/ч. За споредба, најбавниот возач во Формула 2, Мари Боја, помина со 316,4 км/ч, односно беше 5,4 км/ч побрз од Алонсо и 7,4 км/ч пред Строл.
Сепак, овие бројки треба да се земат со одредена резерва бидејќи станува збор само за максималните брзини на правецот, а не за споредба на времињата во цел круг. Дополнително, податоците се собрани во различни сесии и под различни услови.
Уличната патека во Баку има исклучително долг правец, па возењето во воздушна завеса може да донесе голема разлика. Возачите во Формула 2 во квалификациите активно бараат идеална позиција зад друг болид за да добијат дополнителна брзина, додека тимовите во Формула 1 на тренинзите тестираат различни поставувања, количина гориво и начини на користење на електричната енергија.
Тоа значи дека Формула 2 болидите не биле нужно побрзи од Астон Мартин во текот на целиот круг. Најдобар доказ е времето на Алонсо во вториот слободен тренинг - 1:47.889, што е речиси шест секунди подобро од 1:53.728, времето со кое Мартиниус Стенсхорн ја освои пол-позицијата во Формула 2.
И тимот на Хонда претходно предупреди дека Баку ќе биде специфичен предизвик, пред сè поради огромниот дел од патеката кој се вози со полн гас, но и поради потребата електричната енергија ефикасно да се собира и повторно да се користи.