• Мартин Танасковски
Италијанскиот мотоциклист Марко Бецеки оствари нов триумф во сезоната, откако славеше на трката за Голема награда на САД во рамки на шампионатот Мото ГП. Возачот на Априлија доминираше на патеката во Остин и стигна до трета победа во исто толку трки оваа сезона, со што ја потврди одличната форма на самиот почеток од шампионатот. Воедно, ова беше деветта победа во неговата кариера.
Второто место му припадна на неговиот тимски колега Хорхе Мартин, кој заостана нешто повеќе од две секунди, додека трет низ целта мина Педро Акоста со речиси четири и пол секунди негатива. Во првата петорка се најдоа и Фабио ди Џанантонио на четвртата позиција, како и актуелниот шампион Марк Маркез кој ја заврши трката како петтопласиран.
По три одржани трки, Бецеки е лидер во генералниот пласман со 81 бод, пред Мартин кој има 77, додека Акоста се наоѓа на третата позиција со 60 бодови. Следниот предизвик за возачите во Мото ГП шампионатот ќе биде трката за Голема награда на Шпанија, која е закажана за 26 април.