• Иван Димовски

Двократниот светски првак во Формула 1, Фернандо Алонсо, сензационално се најде на подиумот на првата сезонска трка во Бахреин. Шпанскиот возач прикажа одлично темпо во текот на целиот викенд, а имаше и мала доза на среќа при откажувањето на Шарл Леклер.
По крајот на трката, Алонсо беше пресреќен. Искусниот возач беше видно расположен и за време на трката, а и за време на краткото интервју по крајот.
„Ова беше одлична трка за целиот тим, навистина сјајно. Да дојдеш во Бахреин и да завршиш на подиум во првата трка од сезоната... Одлично е тоа што Астон Мартин го одработе оваа зима, да има втор најдобар болид во воведната трка, тоа е нереално.
Не стартувавме најдобро денес, па потоа моравме да вршиме претекнувања на патеката. Тоа е повозбудливо, носи повеќе адреналин“, рече 41-годишникот.
Ова беше прв подиум за Алонсо по 2021 година, кога возеше за Алпин. Претходно, Шпанецот имаше пауза од седум години од последниот пласман меѓу првите тројца на една трка, а еден период беше и надвор од спортот.