Алонсо не се откажува од Формула 1, ќе го наследи Фетел во Астон Мартин!

Еден од најискусните возачи на гридот во Формула 1, Фернандо Алонсо и на 41-годишна возраст не размислува за крај на кариерата, напротив тој се договори со нов тим. 

Шпанецот во следната сезона болидот на Алпин ќе го замени со зелениот на Астон Мартин, наследувајќи го Себастијан Фетел кој објави крај на кариерата. Двократниот светски првак се договори за повеќегодишен договор со новиот тим, но засега не е откриено на колку години парафира. 

Алонсо кој две децении вози во Формула 1 беше првак во 2005 и 2006 година во болидот на Рено. Низ кариерата возеше и за Минарди, Мекларен, Ферари и повторно во Рено/Алпин. Досега шпанскиот возач запиша 32 победи, има 22 пол-позиции и дури 98 пати завршуваше на подиумот. 

Веројатно Алонсо воопшто не размислува за пензија и ќе вози сè додека може да ја поднесе брзината, па така ќе го гледаме и во следните сезони на Формула 1.