Алонсо го изненади тимот, Алпин дозна дека си оди преку официјално соопштение

Екипата на Алпин остана со празно возачко место за следната сезона, откако Фернандо Алонсо реши да прејде во Астон Мартин. 

Искусниот шпански возач ги изненади фановите, но веројатно и сите во тимот од Франција. Според изјавите на Отмар Шафнауер, шефот на Алпин, Алонсо имал понуда на маса за следната година, а во тимот не знаеле дека тој се решил за преод во Астон Мартин. 

„Бев уверен во текот на разговорите дека сме близу до договор. Имаше шпекулации, па го прашав Фернандо, а тој ми кажа дека нема потпишано. Поради тоа бев изненаден кога се појави официјална информација. 

Не се грижам за остатокот од сезоната. Целта е јасна, да бидеме барем четврти во конкуренцијата на конструктори, а и Фернандо го знае тоа. Му пратив порака, ќе го побарам и знам дека тој е професионалец. Кога и да стави кацига, тој сака да победи, во болидот размислува само на тоа“, изјави Шафнауер. 

Се очекуваше замена за Алонсо да биде Оскар Пиастри, но веројатно тоа нема да биде така. Младиот Австралиец е резервен возач на Алпин, шампион на Формула 2 и чека своја шанса во „големата лига“.