• Мартин Танасковски
Тимот на Астон Мартин се соочува со сериозни предизвици на стартот од сезоната во Формула 1 за 2026 година, при што болидите на Фернандо Алонсо и Ленс Строл значително заостануваат зад водечките екипи.
Главниот проблем, според информациите од падокот, лежи во погонската единица на Хонда. Се работи за изразени вибрации кои произлегуваат од моторот и кои негативно влијаат врз батерискиот систем на болидот. Овие технички недостатоци често резултираат со тоа возачите да извозат само неколку круга пред да се соочат со проблеми, па дури и самото стигнување до целта се смета за успех за британскиот тим.
Незадоволството не го крие ниту двократниот светски шампион Алонсо, кој отворено ги критикува новите технички правила. Шпанецот посебно се осврна на зголемената зависност од електричниот дел на погонскиот систем, кој игра клучна улога во перформансите на новите болиди.
Тој истакна дека управувањето со батериите, нивното полнење и оптималното користење за време на трката претставуваат дополнителен товар за возачите. Според него, почетоците на трките се релативно изедначени, бидејќи сите болиди стартуваат со исто ниво на наполнетост.
„Стартовите се интересни, како што беше случајот во Австралија и Кина, каде што нашиот болид имаше добар почеток. Но, потоа влегуваме во нешто што повеќе наликува на Светско првенство во производство и управување со батерии, а таму не сме на нивото на конкуренцијата“, изјави Алонсо.
Очигледно е дека тимот ќе мора брзо да најде решение за техничките проблеми доколку сака да остане конкурентен во продолжението од сезоната.