Алекс Албон го продолжи договорот со Вилијамс

Алекс Албон и следната сезона ќе вози за тимот на Вилијамс во Формула 1 шампионатот.

Момчето кое се натпреварува под знамето на Тајланд, постигна договор да биде во болидот на славниот тим не само во текот на 2023 година, туку и потоа.

„Задоволен сум од оваа сезона, иако на стартот имавме многу поголеми очекувања. Целта е во иднина да се вратиме во борбата за самиот врв“, изјави Албон.

Албон влезе во најбрзиот караван во 2019 година како член на Торо Росо. Во текот на 2020 година беше член на Ред Бул, а минатата сезона ја имаше улогата на тест возач на истиот тим. Од оваа година тој се спои со Николас Латифи зад воланот на Вилијамс.

Во досегашниот дел од сезоната освои три бода и тоа се единствените бодови за Вилијамс годинава.