АКК Рено Спорт ја стартува втората сезона на Twingo Cup со натпревар на „Гробник“

Twingo Cup по успешната прва сезона во 2020 година повторно ќе биде во центарот на вниманието на љубителите на високите октани во Македонија. Новата натпреварувачка сезона стартува овој викенд (22 и 23 февруари) и тоа на патеката „Гробник“ во Хрватска.

Осум македонски натпреварувачи, ќе ги тестираат своите квалитети на интернационално ниво: Мартин Делев, Давид Малинковски, Ангелче Стојковски, Емил Нацка, Слободан Трајковски, Иван Стефановски, Владимир Треневски и Мартин Костовски.

На стартот на „Гробник“ ќе се појават дури 30 автомобили Twingo, бидејќи покрај нашите натпреварувачи учество ќе земат и натпреварувачи од Estet Twingo Cup и Italian Entry Cup.

Според првичната програма во сабота (22 февруари) ќе се одржат слободни тренинзи, квалификации и две спринт трки, додека во недела (23 февруари), исто така ќе има тренинзи, квалификации и четири часовна трка во издржливост.

Во натпреварувачкиот куп моделите Renault Twingo се унифицирани и специјално модифицирани од страна на Lema Racing Team со цел да ги има сите безбедносни и брзински карактеристики.

За овој куп планирани се осум трки (четири кружни и четири ридскобрдски) согласно официјалниот распоред на Автомобилистичката федерација.

На крајот од секоја сезона првите три места се одвоени парични награди додека пак на крајот од третата сезона како главна награда на купот е 100% електричното возило Renault TWIZY.

Официјалните спонзори на купот се: Аутомотив Груп – официјален импортер на брендот Renault во Македонија, ПСС (Power Sport System) Триглав Осигурување, Шпаркасе Лизинг и компанијата Мотул.