• Редакција Gol.mk
Идниот викенд, на 22 септември, Битола повторно ќе биде домаќин на популарната Трчај бе со Алпско, кој е во викендот во кој започнува престижниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Битола ќе биде место на средба на ѕвездите кинематографери од светот, но и на вљубениците во трчањето, па токму од таа причина, мотото на овогодинешното издание е: „Филм ми е да трчам“.
Трчај бе овој пат ќе трча по својот заслужен црвен килим, во пет трки на 5, 10 и 21 километар, со тоа што годинешниот полумаратон е и Национално првенство кое го ораганизираат домаќините со Атлетската федерација на Македонија.
Оваа година Трчај бе привлекува учесници од над 40 земји, а голем број компании веќе неколку години ја имаат ставено трката во своите календари како дел од тим билдинг активностите. Оваа трка годинава покажува дека е повеќе од настан – тоа е платформа која го обединува спортот, културата и тимскиот дух.
„Секое издание на Трчај бе ни носи посебна енергија, но оваа година е навистина посебна. Со слоганот „Филм ми е да трчам“, ја поврзуваме трката со Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ што го прави настанот уникатен во својата форма. Не е само спортски предизвик, туку и културен симбол за градот. Возбудени сме што можеме да ги обединиме љубителите на трчањето и филмските ентузијасти на едно место, и што овој настан станува дел од календарот како настан кој не се пропушта во нивните тим билдинг активности”, истакнува Никола Димитровски иницијатор на овој настан и директор на трката.
За комплетната креативна концепција на трката е задолжена Академијата за графички дизајн Monday Learning. Ова е повеќегодишна соработка која им дава шанса на студентите целосно да се вклучат во процесот на креирање на визуалите и решенијата за трката. Нивниот труд секоја година го претставува организаторот на изложба, каде што тие можат да го покажат своето креативно портфолио и да добијат вредни искуства.
„Оваа година, учесниците ќе пристигнат од над 40 земји, а тоа само покажува колку е популарен настанот. Горди сме што трката Трчај бе ја зајакнува позицијата на Битола како центар за спорт и култура. Ги повикуваме сите што сè уште не се пријавиле да го направат тоа денес и да ни се придружат во славењето на трчањето во Битола и она што првите кинематографери Браќата Манаки го направиле и за нашиот град и за светот”, заврши Димитровски.
Битолчани се екипираат и најавуваат рушење на рекордот по бројот на учесници на трката.