Светската атлетика доби ново натпреварување, првиот Ултимејт шампионат во Унгарија

Меѓународната атлетска федерација синоќа претстави ново атлетско екипно натпреварување наречено Ултимејт шампионат. Ова натпреварување премиерата ќе ја има во септември 2026 година и ќе значи промена за атлетскиот спорт.

„Новиот Ултимејт шампионат 2026 година ќе биде врв на извонредност во година без светски првенства или Олимписки игри и ќе биде отскочна штица за иновации во спортот“, рече Себастијан Коу на прес-конференција во Будимпешта.

Првото издание на ова ново натпреварување ќе се одржи од 11 до 13 септември 2026 година во главниот град на Унгарија. Потоа ќе се организира на секои две години. Наградниот фонд ќе изнесува рекордни 10 милиони долари, а секој победник ќе биде награден со 150.000 долари.

Дисциплините во кои спортистите ќе се натпреваруваат на Ултимејт шампионатот се: 100 метри, 200 метри, 400 метри, 800 метри, 1.500 метри, 5.000 метри, 100 метри /110 метри со пречки, 400 метри со пречки, скок со стап, скок во височина, трискок (жени), кладиво (мажи), фрлање копје и мешана штафета 4×100 метри и 4×400 метри.