Јакимовски оствари подвиг и го надмина личниот рекорд на маратон во Битола

Битола денес слави истрчан маратон на еден од големите пријатели на градската трка ТРЧАЈ БЕ, Игор МС Јакимовски од Скопје. Човекот кој истрчал 34 маратони, од кои 7 домашни и 27 меѓународни вкупно на три континенти, одлучи да го надмине својот личен рекорд. 

За овој подвиг ја избра Битола и утринава во 6:00 часот наутро на релација Битола-Меџитлија во неколку повторувања до 42.195 километри за 2.47:00 часа успеа и го исполни своето ветување да биде под прогнозираните 2.50:00 часа. На патеката го следеа двајца познати атлетичари во тркачки дисциплини, Кристијан Стојани и Љупчо Стојановски.

Ова е најтешката атлетска дисциплина, а да се биде во кондиција и да се истрча маратон е многу комплициран, долг и тежок процес. Игор докажа дека неговите 44 години се само бројка.

„Сум доживувал и победи и одлични пласмани и награди, но исто така и откажувања, колапс, крварење, губење свест, заминување на сред маратон и тонење во жив песок”, се присетува овој познат македонски маратонец за своите претходни искуства.

Секој маратон е посебна приказна и совршена дефиниција за терминот кој го сакаат спортистите - научена лекција. 

За овој подвиг тој се подготвуваше во изминатиот период, а само изминатиот месец истрча околу 650 километри за 30 дена. Одработи и еден личен тест на полумаратон и го постави како што тој вели „лудиот предизвик”.

Успеа да го постигне најдобриот резултат во кариерата сам на светот без натпреварувачки карактер и тоа во ветеранските години (44), а ТРЧАЈ БЕ запишува уште еден настан во кој го слави трчањето од Битола.