Ивановски ризикувал сериозна повреда, превентивно ги откажа септемвриските маратони

Една недела по завршувањето на Олимписките игри, потврдена е повредата на македонскиот маратонец Дарио Ивановски. По извршените лекарски прегледи на Дарио и направена магнетна резонанца, утврдено е воспаление од голем размер на тетивата на десното стапало со оток.

По препорака на докторот, Дарио веќе мирува и не тренира од завршувањето на олимпискиот маратон. Паузата и рехабилитацијата ќе трае најмалку две недели.

„Она што го слушневме од стручно-медицинско лице е дека Дарио несвесно ризикувал и кинење на тетива додека го трчал маратонот. После оваа состојба и моментална ситуација официјално ги откажуваме настапите за Дарио во Прилеп, Белград и Битола во месец септември. Сме биле во ваква ситуација неколку пати и сме се враќале посилни“, рече тренерот на Дарио, Игор Јакимовски.

Најдобриот македонски атлетичар го заврши маратонот во Париз со време 2:28.15 минути и така заврши на 69 позиција од вкупно 81 натпреварувач.