Ивановски по најуспешната сезона во кариерата: Трчањето ми го промени животот!

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски зад себе остава година за паметење. Многубројни рекорди паднаа пред еден од најдобрите во историјата на „кралицата на спортовите“ кога се говори за Македонија, а круна на кариерата беше истрчаниот маратон на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Париз.

Очекувано, Ивановски ја доби наградата за атлетичар на годината од страна на Федерацијата, заврши втор во изборот на спортист на годината на Град Скопје, а беше и меѓу номинациите за Спортист на годината во Македонија. Тој е задоволен од постигнатото досега, а испрати и порака до младите спортисти кои допрва ги чека тешкиот спортски пат.

„Атлетичар на годината, втор на град Скопје и дел од номинираните спортисти за спортисти на годината, ова за мене е само мотив да продолжам со напорна работа и да оставам пример на помладите генерации да бидат посветени и истрајни во тоа што го прават. Спортот односно трчањето ми го промени животот и ме направи вистински човек, ме научи да ценам, ме научи да прифаќам пораз, ме научи да победувам, но најважно од се е што ме научи да не се откажам од патот кој го чекорам секој ден. Трчањето е мојот живот, се додека моите нозе трчаат ке го давам максимумот за сите“, истакна Дарио Ивановски.

За сезоната која доаѓа, Дарио Ивановски најави поголеми успеси и нови рекорди за македонската атлетика.