• Саше Љолес
Маж на околу 30-годишна возраст е уапсен под сомнение за измама по безбедносен инцидент кој во саботата предизвика големи проблеми на Европското атлетско првенство во Бирмингем.
Полицијата интервенирала откако кај мажот била пронајдена несоодветна, односно лажна акредитација. Како мерка на претпазливост, привремено бил запрен превозот на спортистите и официјалните лица, што предизвикало големи доцнења при напуштањето на стадионот „Александар“.
Според британските медиуми, неколку спортисти, меѓу кои и британската спринтерка Ејми Хант, како и илјадници гледачи, чекале повеќе од еден час за да го напуштат стадионот. Во безбедносната операција учествувале и припадници на вооружената полиција. Органите на редот соопштија дека немало непосредна опасност за јавноста.
Поради инцидентот биле откажани и шест церемонии за доделување медали, кои биле планирани по завршувањето на натпреварувачката програма.
Натпреварувањето подоцна продолжи без посериозни проблеми, а уапсеното лице заработи кривична пријава и било спроведено во притворско одделение.