Европскиот атлетски крем во Скопје, ќе се крунисуваат најдобрите за 2024 година!

Градот Скопје кон крајот на октомври ќе биде домаќин на голема спортска церемонија. Најдобрите европски атлетичари ќе пристигнат во нашиот главен град, но нема да се натпреваруваат на атлетската патека, туку дел од нив ќе бидат крунисани за најдобри за 2024 година на стариот континент.

Европската атлетска федерација ги објави атлетичарите во машка и женска категорија кои што ќе конкурираат за наградата најдобар во 2024 година. Финалисти во женска конкуренција се - Фемке Бол (Холандија), Кили Хоџкинсон (Велика Британија) и Јарослава Махучих (Украина). Сите три финалистки оваа година освоија златни медали на Европското првенство во атлетика во Рим и Олимписките игри во Париз.

Во машка конкуренција финалисти се Арманд Дуплантис (Шведска), Јакоб Ингебригтсен (Норвешка) и Милтијадис Тентоглу (Грција). 2024 година беше незаборавна година за тројцата финалисти, кои освоија златни медали на Светското атлетско првенство во сала, Европското првенство и Олимписките игри во 2024 година.

Победниците ќе бидат крунисани за најдобри на годината и ќе им бидат врачени „Златните патеки“ на церемонијата во Скопје, која што ќе се одржи на 26 октомври.