• Мартин Танасковски
Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски го заврши маратонот во Париз и стана првиот атлетичар од Македонија кој настапил на ЛОИ и на кого му успеало да ја мине престижната патека.
Ивановски ја мина патеката со време 2:28.15 минути и така заврши на 69 позиција од вкупно 81 натпреварувач. Пред крајот на маратонот, Ивановски го грабна македонското знаме од публиката и со него ја мина целта. Само што ја заврши трката, тој го бакна знамето, а потоа во солзи се сруши на земја од замор. Според информациите од Париз, Ивановски ја минал целта со повреда.
Победник на маратонот е Тола Тамират од Етиопија кој заврши со време 2:06.26 секунди и постави олимписки рекорд. Второто место му припадна на Абди Башир од Белгија со време 2:06.47 минути, што е негов најдобар резултат оваа сезона, а подиумот го комплетира Кипруто Бенсон од Кенија со време 2:07.00 минути.