• Зоран Мишевски

Синоќа во Скопје се одржа свеченото прогласување на најуспешните атлетичари, тренери и клубови во цела Македонија за постигнувањата во атлетскиот спорт во 2024 година.
Овој значаен настан е во организација на Атлетската Федерација на Македонија, а беше одбележан во присуство на најдобрите и најталентирани спортски личности. Во поздравните зборови на претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова ја истакна успешноста на атлетиката во Македонија во изминатата 2024 година. Таа нагласи дека Македонија има бројни успеси на меѓународната сцена, со учество на Олимписките игри, Светски и Европски првенства, како и бројни рекорди поставени во различни дисциплини.
Признанија по категории:
Млади пионери: Тина Доневска (Работнички) и Парис Златановски (Куманово)
Пионер: Ева Митевска (Работнички) и Дамјан Ѓоргиевски (Работнички)
Млади младинци: Лина Исени (Лирија) и Брајан Авија (7 мај)
Младинци: Mелиса Димитриоски (Дрини Старт) и Владимир Битољану (Центар)
Сениори: Дрита Ислами (Работнички) и Дарио Ивановски
Наградите за најуспешни атлетичари и клубови беа доделени на основа на нивните исклучителни резултати постигнати на домашни и меѓународни натпревари, вклучувајќи рекорди, освојувања медали на Балкански, Европски и Светски првенства.
Признание за најуспешен атлетски клуб за 2024 година беше доделено на Атлетски клуб Делта од Скопје. Овој клуб, кој доминираше во атлетиката на државно ниво, се истакна со шест државни рекорди и шест атлетичари во националниот тим.
Признанието за најдобар тренер од Европската атлетска федерација во 2024 година му беше доделено на Алим Хајредини од АК Дрини Старт за неговиот значаен придонес во развојот на атлетиката и успешната работа со атлетите.
Признание за животно дело беше доделено на Мире Ивановски, легенда на македонската атлетика и долгорочен предводник на Атлетски клуб Вардар, кој остави незаменлив траг во развојот на атлетиката во Македонија.