До каде ли може да оди? Дуплантис десетти пат го собори светскиот рекорд!

Името на Арманд Дуплантис ќе остане запаметено во светската атлетика. Шведскиот скокач со стап е актуелен светски рекордер во оваа дисциплина, а на митингот од Дијамантската лига во Силесиа пак ја помести границата нагоре. 

Во полскиот град Дуплантис успеа за еден сентиметар да го подобри својот најдобар успех. Во моментов светскиот рекорд е поставен на 6,26 метри, а пред само неколку седмици Швеѓанецот скокна 6,25 метри на Олимписките игри во Париз. 

На секое натпреварување Арманд Дуплантис се обидува да ја помести границата сè погоре. Никој во оваа конкуренција не му е ниту близу, па откако веќе ќе си обезбеди речиси сигурно злато тој се обидува да го сруши светскиот рекорд. 

Освен златниот медал на кое и да е натпреварување, за самото рушење на рекордот атлетичарот добива награда од 50.000 долари. Инаку, ова му беше јубилеен десетти пат на Дуплантис да го сруши светскиот рекорд.