• Иван Димовски
Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски се подготвува и ја темпира формата за настап на Олимписките игри каде што ќе биде дел од маратонската трка.
Изминатиот викенд Ивановски имаше настап на полумаратонска трка во склоп на Европското атлетско првенство и финишира на 29. позиција. Покрај тоа, тој постави нов национален рекорд подобрувајќи го своето време. По крајот на трката, Ивановски се обрати на јавноста преку социјалните мрежи.
„Почитувани пријатели и подржувачи. За мене заврши и последната трка, трка која е пред почетокот на една од моите животни цели, вистинска љубов и пасија за која живеам целиот мој живот. Оние кои ме знаат добро, знаат колку труд и жртва вложив да бидам дел од Олимписките игри во Париз. На настапот на Европското првенство можам да кажам дека го дадов својот максимум со оглед на тоа каков период на опоравување минав по маратоните и „бркотницата” за да влезам во ранкингот за олимпискиот сон. Кога ќе ме прашаа како се чувствувам, дали сите овие настапи ме имаат исцрпено, им одговарав кратко… Гладен сум!
Бев свесен дека после четири истрчани маратони во пет месеци ке имам некоја ситна последица, но оставив на Бог да ме држи здрав и жив, а јас да останам мирен и фокусиран до крајот на ова патешествие. Европското првенство ми беше еден добар тест дека телото и нервниот систем ми се добро опоравени, а јас повторно останав гладен, гладен за најдоброто што следува од мене. Завршив на 29. место од 60 натпреварувачи и поставив нов државен рекорд. Можам да кажам дека и во ваква состојба сум конкурентен во Европа, трчав рамо до рамо со огромни шампиони и докажани атлети. За десет дена заминувам на тренинг камп со и таму ќе останам до Олимписките игри. Ви благодарам на сите кои сте дел од мојот олимписки сон“, напиша Ивановски.
До настапот на Олимписките игри Ивановски нема други натпреварувачки задолженија, а најави дека заминува на тренинг камп каде што ќе ја темпира формата за настапот во Париз.