Болеста го запре првакот во скок во вис: „За мене сè е готово...“ (ВИДЕО)

Италијанецот Џанмарко Тамбери не успеа да ја одбрани титулата олимписки победник во скок во височина. Тамбери претходните денови беше во тешка здравствена состојба, неколку пати завршуваше во болница поради проблеми со бубрезите.

Се очекуваше дека ќе го пропушти финалето, но сепак Италијанецот се појави на теренот и доби бурни овации од публиката. Во третиот обид прескокна 222 сантиметри, а потоа трипати ја зафати пречката на 227. Во финалето заврши последен.

„За мене се е готово. До самиот крај се надевав, верував и покрај се што се случи. Добив огромна поддршка од сите, што ми даде единствена сила да се подигнам по овој последен удар, но очигледно не беше така замислено“, напиша тој на Инстаграм пред финалето.

Актуелниот олимписки победник и светски шампион во скок во височина имаше и несреќа на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз. Тамбери толку се занесе додека го вееше италијанското знаме од чамец што пловел по Сена што венчалниот прстен му се лизна од прстот и заврши во реката.