Барселона „ѝ лежи“, Кенијката Шебет го подобри личниот светски рекорд на пет километри

Кениската атлетичарка и маратонка, Беатриче Шебет ја заврши 2024 година во голем стил откако успеа да го сруши сопствениот рекорд на петкилометарската трка која се одржа во Барселона. 

Шебет го постави светскиот рекорд минатата година (14 минути и 13 секунди), а сега уште повеќе го подобри своето време и ја истрча делницата за помалку од 14 минути (13:54,02). 

„Работевме напорно и се држевме до планот. Чувствував дека можам да истрчам под 14 минути, особено тука во Барселона, каде доживеав многу убави моменти. Не знам дали можам уште подобро, ќе видиме наскоро“, изјави Шебет. 

Годинава Шебет се закити и со два златни медали од Олимписките игри во Париз, каде триумфираше на трките на 10,000 и 5,000 метри, а исто така го сруши и светскиот рекорд на 10,000 метри и постави најдобро време од 28 минути, 54 секунди и 14 стотинки.