Србија не може да се помири со поразот од Хрватска на СП, па се пожали на судиските одлуки

Дејан Савиќ

По четири години успешни настапи на големите собири, ватерполо репрезентацијата на Србија доживеа пораз и тоа од големиот ривал Хрватска (12-11) во полуфиналето на Светското првенство во Унгарија.

ПОВРЗАНО >> Хрватските „баракуди“ направија чудо и ја победија Србија во мундијалското полуфинале

Српските медиуми се полни со неверица и шокантни наслови, а дека поразот е тежок да се прифати покажа и изјавата на српскиот селектор, Дејан Савиќ, кој се пожали на судиските одлуки.

„Им честитам на Хрватите за оваа победа. Тие влегоја многу физички во натпреварот, а ние не знаевме добро да се браниме во играта со играч помалку. Неверојатно е од година во година, од ден на ден јас сфаќам дека не ги знам правилата на оваа игра...“ , рече Србинот.

Савиќ беше гневен на одлуката на судиите на крајот од третиот дел, кога на Хрватите им беше доделен петерец во последната секунда за израмнување на резултатот. 

Како и српските ватерполисти, така и нивните спортски медиуми тврдат дека беше направено сè за да бидат елиминирани пред финалето, па дури и дека Хрватска имаше мала помош од судиите.