Хрватските „баракуди“ направија чудо и ја победија Србија во мундијалското полуфинале

Ватерполистите на Хрватска направија големо изненадување и ја совладаа Србија со 11-12 (1-1, 4-4, 4-4, 2-3) во второто полуфинале на Светското првенство во Будумпешта. Така, в сабота во мечот за златото „баракудите“ ќе играат против Унгарија, а Србите ќе се борат за бронзата со Грција. Овој пораз е прв за српските ватерполисти на големите приредби по скоро четири години.   

Србите подобро го отворија мечот и Прлаиновиќ го постигна првиот гол. Дуелот беше многу тврд, па цела прва четвртина Гојко Пјетловиќ не беше совладан (1-0). Сепак, со ватерполист повеќе, Хрватите израмнија во последната секунда од првиот период преку капитенот Сандро Сукно погодија за 1-1.

И на почетокот на втората четвртина светскиот првак покажа повеќе одлучност и Пјетловиќ и Митровиќ зголемија на 3-1. Следеше атрактивен гол со шрауба на Лончар за 3-2 во 10. минута, па Бушље од дистанца израмни на средина од вториот период. 

Израмнетото полуфинале продолжи и во последните мигови од вториот период, па Прлаиновиќ и Сукно погодија за 4-4. Следеше мајсторијата на Душко Пјетловиќ, но Бушље со звукот на сирената на големиот одмор ги испрати двете селекции со егал ситуација (5-5). 

Третиот период пак започна со игра гол за гол, па Ранѓеловиќ и Вукичевиќ напоредно погодија за 8-8, а во последните 20 секунди Прлаиновиќ со својот петти гол донесе минимална српска предност, но Маро Јоковиќ од петерец на една секунда до крајот израмни на 9-9.

Во третата минута од последниот период „баракудите“ првпат поведоа преку Анте Вукичевиќ (10-11). Психолошката предност се префрли кај Хрватите и имаа два напади за +2, но не ги искористија. Светските прваци добија напад за реми, но не упатија употреблив удар кон хрватскиот гол и првпат се поразени на големите приредби од почетокот на 2014 година (11-12).

Во хрватскиот табор се истакнаа Сукно и Јоковиќ со по 3 гола, а кај Србија единствена светла точка беше Андрија Прлаиновиќ со 6 постигнати гола.