Хрватска е светски ватерполо првак: Надиграна и поразена Унгарија среде Будимпешта

Во прекрасната атмосфера на отворениот базен „Алфред Хајош“ во Будимпешта преку 7.000 гледачи видоа историско финале на Светското првенство во ватерполо, по кое Хрватска направи уште еден подвиг и ја победи Унгарија со 6-8 (0-4, 2-0, 2-2, 2-2) за враќање на превласта во светското ватерполо.

Хрватите феноменално го почнаа мечот и за четири минути поведоа со 0-3 со головите на Сукно, Лончар и Јоковиќ. Унгарскиот селектор повика минута одмор, но неговите момци уплашено влегоа во финалето и не постигнаа гол цела прва четвртина. Дури и Марко Мацан во последните мигови од првиот период со многу доза на среќа пак го совлада Наџи (0-4). 

По осум минутен пост Мартон Вамос во првата минута од вториот период постигна гол за Унгарија за 1-4. Кога Бела Торок погоди во 10. минута за 2-4, веднаш се разбуди гледалиштето и Унгарија се врати во натпреварот (2-4). Тогаш, Хрватите влегоа во голема офанзивна криза и цел втор период не постигнаа гол.

На самиот почеток на третата четвртина, Ердељи Балаш погоди и скоро целосно ја истопи предноста на „коцкестите“ (3-4). Унгарците играа како во транс и Кристијан Манерц со ефектен гол израмни на 4-4 во 19. минута. По скоро 12 минути без постигнат гол, натурализираниот Хрват, Серзо Гарсија постигна важен гол за враќање на водството (4-5). Истиот ватерполист со гол од осум метри го изненади унгарскиот голман Наџи и го врати спокојот во својот табор (4-6).

Кога на неполни пет минути до крајот Сандро Сукно постигна ефектен гол, Хрватска поведе со +3 и се доближи до златото. Домаќинот не се предаваше и Вамос со два последователни гола намали на 6-7. Се чинеше дека домаќинот има енергија за пресврт,  но Сукно со гол од голема дачелина врати на +2. Тоа беше завршниот удар и до крајот Унгарија не се созеде и конечниот резултат гласеше 6-8.

Сандро Сукно со три постигнати гола беше најдобар поединецот во хрватскиот табор, Гарсија даде два гола, а по еден постигнаа Мацан, Лончар и Јоковиќ. Кај Унгарците единствена светла точка беше Мартон Вамос со три гола. Бронзена е Србија, откако попладнево во малото финале ја победи Грција со 11-8.