Ненад Зимоњиќ е поставен за нов селектор на Србија

Еден од најдобрите дубл играчи во светот на тенисот, Ненад Зимоњиќ е поставен за нов селектор на репрезентацијата на Србија. Зимоњиќ доаѓа на местото на Богдан Обрадовиќ, кој на селекторското место беше од 2007 година, а во 2010 година со Србија го освои Дејвис Купот.

„Не мислам дека е пресудно селекторското место во тенис, колку во останатите екипни спортови. Со оглед колку сме мала земја, нашата репрезентација постигна извонредни резултати, а имавме и чест да не претставуваат големи играчи“, изјави Зимоњиќ.

Ненад Зимоњиќ веќе ја имаше селекторската палка во 2003 и 2004 година, кога за тогашната држава Србија и Црна Гора настапуваше во исто време и како играч. За репрезентацијата на Србија има одиграно рекордни 69 натпревари, во кои има 41 победа. Своето деби ќе го има од 3 до 5 февруари во Ниш, кога гостува Дејвис Куп репрезентацијата на Русија.