Надал: Се двоумам меѓу Федерер и Лејвел, но и Ноле може да биде најдобар на сите времиња!

Деветтиот тенисер на светот, Рафаел Надал, кој вчера на дуелот со Милош Раониќ го забележа првиот пораз во новата година, изјави дека Новак Ѓоковиќ во иднина може да стане најголемиот тенисер на сите времиња. 

Сепак, во овој момент Шпанецот се двоуми помеѓу Роџер Федерер и Род Лејвел, кога е во прашање најдобриот тенисер во историјата.

„Имам дилема меѓу Федерер и Лејвел, мислам дека тоа би било исправно кога ќе се погледне историјата на овој спорт. Сепак, моментално покрај мене има уште еден голем великан на оваа игра. Ѓоковиќ исто така е еден од најдобрите, а доколку ја врати неговата доминација може да постане најголемиот тенисер на сите времиња“, вели Надал.

Ѓоковиќ денес ќе ја има првата вистинска шанса да докаже дека сè уште може да игра на високо ниво, бидејќи во финалето во Доха ќе се сретне со првиот рекет, Енди Мареј.