Мареј: Аматерските одлуки ме чинеа пораз

Првиот рекет на светот, Енди Мареј, вчера забележа шокантен пораз на првиот Мастерс на земјена подлога, кој се одржува во Монтекарло.

Британецот одигра уште еден лош натпревар оваа сезона, во решавачкиот трет сет имаше предност од 4-0, но пласман во четвртфиналето обезбеди 29-годишниот Шпанец, Алберт Рамос Винолас. 

„Имав голема шанса за победа, сервирав при водство од 4-0 и на крај загубив. Едноставно имав лош ден. Мора да признам дека Алберт одигра одлично и заслужено победи. Знам каде згрешив, донесов многу аматерски одлуки во клучните моменти и тие скапо ме чинеа. Се надевам дека истите нема да ми се повторат и на следните турнири ќе бидам подобар“, изјави Мареј. 

Вчера покрај Британецот својот настап во Монтекарло го заврши Стан Вавринка кој загуби од Уругваецот, Куевас.