Кербер конечно освои титула, во финалето во Сиднеј ја совлада Барти

Германката Анџелик Кербер е победник на ВТА турнирот во Сиднеј, откако во финалето ја совлада домашната претставничка Ешли Барти со 2-0 (6-4, 6-3).

29-годишната Кербер првиот брејк го направи во петтиот гем, што беше доволно за освојување на сетот. Во вториот сет Германката прва направи брејк, на што Барти возврати и израмни на 1-1. Во седмиот гем, Кербер повторно го одзеде противничкиот сервис, што на крајот беше доволно за освојување на сетот со 6-3 и конечна победа од 2-0.

За Анџелика Кербер, која моментално е на 22. место на ВТА листата, титулата од Сиднеј е нејзина прва по освојувањето на УС Опен во 2016 година.