ВИДЕО: Ѓоковиќ се одмазди за Лондон и го победи Мареј за нова титула во Доха

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја одбрани титулата на АТП турнирот во Доха, кој е вовед во новата сезона, победувајќи го Енди Мареј со 2-1 во сетови (6-3, 5-7, 6-4). Оваа победа е своевиден реванш на Ѓоковиќ за поразот во финалето на Мастерс Купот во Лондон, кога Британецот го осигура местото број еден на крајот на 2016 година. 

Мареј прв дојде до брејк топка уште во првиот гем, но со добриот сервис, Ѓоковиќ го спаси гемот. Со сигурна игра до седмиот гем и Србинот и Британецот како ментално да се испитуваа. 

Тогаш, во навидум лесен гем во кој Мареј имаше 30-0, направи неколку неизнудени грешки и Ѓоковиќ со брејк го најави својот налет. Светскиот рекет број два со три последователни гема го реши првиот сет во своја полза (6-3). 

И во вториот сет Мареј прв дојде до можност да го одземе сервисот на противникот, но пак наместо во поле, ја годеше мрежата, со што можеше да се почувствува менталната стабилност како адут на Ѓоковиќ. При 3-2, затрепери раката на Мареј и Србинот направи клучен брејк, кој го доведе на чекор до одбрана на титулата. 

По притисокот на Мареј во осмиот гем, Ѓоковиќ, спаси три брејк топки, но во четвртиот обид Британецот првпат го одзеде сервисот на противникот и израмни на 5-5. Во следниот гем тој го одбрани својот сервис, а очигледниот пад во играта на противникот повторно го искористи и повторно направи брејк за 1-1 во сетови (7-5).

И во третиот сет Мареј беше поблиску до брејк, но пропушти да го одземе сервисот на противникот во шестиот гем. Казната стигна на следниот сервис на британскиот тенисер, кој Ѓоковиќ мудро го одигра и ја направи клучната разлика за да поведе со 4-3. Следуваа два сигурни сервис гема на Србинот, кој стигна до својата втора последователна победа на турнирот во Катар.

Ова е одлична најава за Австралија опен, каде многу веројатно покрај Грен слем титулата, помеѓу овие два тенисери, во игра ќе биде и светското место број 1 на АТП листата.