Ѓоковиќ пак се мачеше, но обезбеди четвртфинале во Монтекарло

Новак Ѓоковиќ, освојувачот на Мастерсот во Монтекарло во 2015 и 2013 година, продолжи со одличните игри на овогодишното издание на првиот Мастерс на земјена подлога. Србинот обезбеди ново четвртфинале во Монако, откако во доста неизвесен меч славеше тесна победа од 2-1 над одличниот шпански тенисер, Пабло Карењо Буста.

Судејќи по првиот сет се очекуваше лесна и убедлива победа на српскиот тенисер, но до тоа не дојде. Ноле за нешто повеќе од половина час со два клучни брејка во 6. и 8. гем го освои првиот сет со 6-2 и поведе со 1-0. Но, во вториот сет неговата игра спласна, неизнудените грешки беа сè побројни, а во брејк борбата поуспешен беше Буста, кој на најдобар можен начин го искористи слабиот сервис на противникот и со три брејка израмни на 1-1 (6-4) во сетови. 

Сепак, српскиот ас беше смирен и непогрешлив во клучните моменти од одлучувачкиот сет во деветтиот гем спаси две брејк топки кои му дадоа дополнителен мотив за втор брејк и победа од 2-1 во сетови.

Пласман во четвртфиналната фаза денес обезбедија и Рафаел Надал, Доменик Тиeм и Марин Чилиќ, додека сензационална елиминација доживеаја големите фаворити Енди Мареј и Стан Вавринка.