Федерер во три сета го „скрши“ Зверев и обезбеди полуфинале во Лондон

Роџер Федерер стигна до полуфиналето на завршниот Мастерс турнир во Лондон, откако ја обезбеди втората победа во групата Б. Денес Швајцарецот го победи младиот Александар Зверев (7-6/6, 5-7, 6-1), со кој се надигруваше во првите два сета. 

Двата тенисери беа сигурни на својот сервис, па брејк шансите не беа во прв план на почетокот. Тоа значеше дека победникот на истиот ќе се решава во тај-брејкот, кој беше неизвесен до самиот крај.

Германецот го зададе првиот удар и направи два мини-брејка, но тоа не е доволно кога на спротивната страна е швајцарскиот ас. Федерер се врати во игра и успеа да ги искористи грешките на младиот колега за да го добие 13. гем со 8-6.

Ваквиот тек на настаните како да го погоди германскиот тенисер, кој на стартот на вториот дел попушти и веднаш го загуби сервисот. По неверојатна борба во четвртиот гем, Зверев се врати во игра и ја анулираше предноста на противникот.

Продолжението донесе иста слика како првиот сет, но овој пат 20-годишникот направи клучен брејк во 12. гем и го израмни резултатот на 1-1. Третиот сет беше доминацијата на ветеранот, кој трипати го одзеде сервисот на помладиот Зверев и со втората победа во групата обезбеди полуфинале на Мастерс Купот.