Димитров се намачи, но го победи Нишикори за трофеј во Бризбејн!

Бугарскиот тенисер, Григор Димитров, е победник на АТП турнирот во Бризбејн, откако во финалниот дуел со 2-1 во сетови (6-2, 2-6, 6-3) беше поуспешен од најдобриот јапонски тенисер и петти на светот, Кеи Нишикори. 

Бугаринот одигра перфектен турнир и дефинитивно го заслужи овој трофеј, бидејќи во четвртфиналето го совлада Доменик Тием, додека во полуфиналето со убедливи 2-0 славеше над Милош Раониќ. И денешното финале го започна фуриозно и со 6-2 го доби првиот сет. Јапонецот идентично возврати во вториот сет, но во последниот, Димитров беше посмирен и со брејк во претпоследниот гем го осигура овој триумф.

За Димитров ова е прв трофеј во новата сезона, а исто така и прва победа над Нишикори во досегашните пет дуели.