Алкалоид на ЕКК: Преглед на партиите од 4. коло против Ница Аљехин

Алкалоид четврто коло

Во четвртото коло на Европскиот Клупски Куп, ШК Алкалоид беше подобар од екипата на Ница Аљехин од Франција. Алкалоид важеше за фаворит во овој дуел и ги оправда очекувањата победувајќи со 5:1.

Алкалоид – Ница Аљехин 5-1 

GM Динг, Лирен (2764)  GM Стевиќ, Хрвоје(2616) 1-0

GM Елјанов, Павел (2720)  GM Лагард, Максим (2594) 0-1 

GM Андрејкин, Дмитри (2705) GM Вагнер, Денис (2564)  1-0

GM Ју, Јангји (2743)  GM Демут, Адриен (2538) 1-0

GM Јаковенко, Дмитри (2710)  GM Палац, Младен (2540) 1-0

GM Криворучко, Јуриј (2692)  GM Шулава, Ненад (2442) 1-0

На првата табла Динг Лирен водејќи ги белите фигури се здоби со минимална, но долготрајна предност од отворањето. По измената на дамите, кинескиот велемајстор играше прецизно и трпеливо ја зголемуваше својата предност. Соочен со зголемен притисок, црниот направи неколку непрецизности кои го доведоа до изгубена позиција.

На втората табла, украинскиот велемајстор Елјанов, без поголеми проблеми успеа да ја изедначи позицијата. Во средишницата се водеше маневарска борба после која што Павел се здоби со решавачка предност, која неколку пати пропушти да ја претвори во цел поен. Неговиот противник влезе во цајтнот, но сепак умешно успеваше да се одбрани. Пред крајот на првата контрола, позицијата нагло се заостри, Елјанов направи една грешка што беше доволно да ја загуби партијата.

На третата табла Дмитри Андрејкин играјќи со белите фигури цело време одржуваше мала предност и не му даде на својот противник да изедначи. Партијата ја доби создавајќи матна мрежа околу црниот крал.

На четвртата табла, вториот кинески велемајстор Ју Јангји со црни фигури ја казни некорекната игра на белиот во отворањето. Со решавачка предност се здоби на ефектен начин жртвувајќи дама за топ ловец и два пешака. Набрзо потоа неговиот противник беше принуден да предаде.

На петтата табла Јаковенко играјќи со белите фигури ја искористи својата супериорна подготовка во отворањето и успеа да создаде сериозни проблеми за својот противник. Црниот трошеше многу време обидувајќи се да ги најде најдобрите потези. Во тежок цајтнот во 39. потег направи решавачка грешка која Дмитри ја искористи и освои цел поен.

Украинскиот велемајстор Криворучко играше многу интересна и возбудлива партија, со тактички жртви и комбинации. Во остра и динамична борба самоуверено го надигра својот противник притоа не давајќи му никаква шанса за поволен резултат.

Во петото коло екипата на ШК Алкалоид за противник ќе ја има екипата Падова. По четири одиграни кола водат руската екипа Глобус и азербејџанската Очсар Јорду, кои што ќе се сретнат утре на првата табла.

Нашиот втор претставник на овој турнир Гамбит Асеко беше убедливо поразен 0.5-5.5 од рускиот тим Глобус, кој важи за прв фаворит на овој турнир. Единствено Марјан Митков успеа да се спаси од пораз во интересна партија против велемајсторот Антон Коробов

Во наредното коло Гамбит Асеко ќе се сретне со екипата на Баја Маре.