Заменикот на Лазаров во Барса во одлична форма доаѓа на мегдан кај Вардар

Јуре Доленец

Словенечкиот десен бек, Јуре Доленец пристигна во Барселона како замена за Кирил Лазаров, кој беше неприкосновен на таа позиција во претходните четири сезони. Каталонската екипа оваа сабота доаѓа во Скопје и ќе му гостува на Вардар, во дуелот на екипите без пораз по првите четири кола во групата А во Лигата на шампионите.

Словенецот одигра фантастично на вчерашниот меч во домашното првенство против Ла Риоха и погоди седум пати од исто толку обиди. 

Тоа е потврда дека тој се адаптира на системот на Чави Пасквал, па на саботниот натпревар вардарци ќе мора да посветат големо внимание на 29-годишниот десен бек. Несомнено е дека Доленец е еден од најталентираните ракометари на својата позиција, што ќе биде дополнителен предизвик за одбраната на Вардар, која во првите четири меча прими само 92 гола.

Голманската позиција предводена од нашиот Борко Ристовски и од неверојатниот Гонзало Перез де Варгас ќе биде вториот „проблем“ за избраниците на Раул Гонзалез. Шпанскиот голман брани во фантастична форма, а македонскиот чувар на мрежата секогаш знае да се мотивира на ваквите големи натпревари.

На последните два дуели, екипите поделија по една победа, а секако поважна беше онаа на нашиот шампион на завршниот турнир во Келн, која му донесе пласман во финалето. Натпреварот се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17.30 часот.