Вардар убедливо поразен од Рајн Некар Левен на турнирот во Гумерсбах

Ракометарите на Вардар загубија од првакот на Германија Рајн Некар Левен со 34-25 (14-10) во полуфиналето на турнирот од подготовките во Гумерсбах. Тренерот Раул Гонзалез не можеше да смета на Лука Циндриќ, Страхиња Милиќ и Владо Недановски кои се пожалија повреда. Во тимот беа четворица млади ракометари, Марко Кизиќ кој дебитираше со 16 години, заедно со Даниел Ѓорѓески, Тоше Ончев и Мартин Поповски.

Физички далеку поподготвените ракометари од Германија наметнаа силно темпо и во почетната фаза од второто полувреме го направија одлучувачкото одлепување. Клучниот период во играта беа првите 15 минути во второто полувреме, кога Рајн Некар успеа да направи двоцифрена предност и да поведе со 29-17.

Вардарци за секое промашување и загубена топка беа казнети од противникот. Раул Гонзалез им даде шанса и на помладите, на голманите Ѓорѓески и Кизиќ кои бранеа во вториот дел, и на Поповски и Ончев кои играа во продолжението.

Вуко Борозан беше најефикасен во тимот на Вардар со 8 гола, Македа постигна 6, Карачиќ 5, Ончев 2, а по еден Поповски, Криштопанс, Мораеш, Чупиќ, Дибиров и Шишкарев. Филип Талески постигна еден гол за „лавовите“, а Раул шанса им даде на сите ракометари, како и вчера против Бергишер. 

Во мечот од третото место на турнирот, утре европскиот првак ќе се сретне со екипата на Гумерсбах, која денес загуби од Флензбург со 30-20.