Вардар без милост за Динамо за нова рутинска победа во СЕХА лигата

Актуелниот шампион во СЕХА лигата, Вардар продолжи со доминацијата на стартот од новата сезона и го победи Динамо Панчево со 42-32 (20-17) во Скопје за седма победа од исто толку натпревари.

Раул Гонзалез им даде шанса на ракометарите, кои добиваат помала минутажа, но сепак победата во ниту еден момент не беше доведена во прашање. Се играше изедначено само 20 минути, а потоа вардарци го завршија првиот период со серија од 7-4 за предност од +3 на паузата. 

Гостите од Србија не беа резултатска закана за нашиот шампион, што им ја олесна работата на „црвено-црните“, кои ја потврдија одличната форма со рутинска игра во продолжението. 

Предноста растеше од минута во минута, а расположениот Кањељас донесе највисоки +10 (38-28) во 55. минута.

До крајот немаше никакви промени, а Вардар без проблеми запиша нови бодови зад своето конто во регионалната СЕХА лига.

Марсениќ со осум и Чупиќ со шест гола беа најефикасни кај нашиот првак, Кањељас постигна пет, а по четири за своето име имаа Поповски, Недановски и Кристопанс.