Три ракометарки постигнаа 44 гола, Вардар убедлив против Овче Поле

Македонскиот ракометен шампион, ЖРК Вардар, очекувано на лесен начин реди победи во домашното првенство. Така беше и на синоќешниот дуел со Овче Поле, кој заврши со позитива од 39 гола за Вардар, 57-18.

На овој меч свој блесок имаа македонските репрезентативки Сара Ристовска, Јована Саздовска и Теодора Керамичиева, кои заедно постигнаа неверојатни 44 гола. По 15 постигнаа Ристовска и Саздовска, а еден помалку запиша Керамичиева.

Вардар играше со десет ракометарки, но и тоа беше доволно за убедлива и висока победа на крајот од средбата. Најзабележителна уште од самиот почеток беше репрезентативната тројка Саздовска - Керамичиева - Ристовска. Тие ја полнеа мрежата на противникот, па уште на полувреме Вардар имаше предност од +20.

Ништо ново не се случи ниту во второто полувреме, освен што Вардар продолжи со исто темпо и не застана. Овие +39 се втора највисоката победа сезонава за „црвено-црните". Претходно со +40 првакот славеше на мечот со Деспина.