Тамше: Бевме подготвени за играта на Металург

Ретко која екипа оваа сезона се изнаиграла кога против себе го има полетниот тим на Целје Пивоварна Лашко, па така и Металург мораше да им честита на борбените Словенци кои заслужени извојуваа победа од 34-26 во натпреварот од 9. коло на СЕХА лигата.

Тренерот на Целје Пивоварна Лашко, Бранко Тамше по натпреварот изјави.  

„Одлично го отворивме натпреварот, но потоа промашивме од неколку чисти ситуации и му овозможивме на Металург да ја намали разликата и да се врати во игра. На почетокот на вториот дел тие дури успеаа и да израмнат резултатот, но потоа конечно заигравме како што сакаме. Бевме подготвени за играта на Металург и моите играчи реагираа како што сакав. Нивните грешки беа казнети со лесни погодоци и на крајот мислам дека целосно ја заслуживме оваа победа“, смета Тамше.

Матиќ Гросељ вели дека Металург добро бил анализиран воочи дуелот и дека во Целје секому ќе му биде тешко за бодови и во остатокот на сезоната.  

„Посакувавме натпреварот да зависи најмногу од нас и од играта што ќе успееме да ја испорачаме. Кога сме во нашето најдобро издание, тешко е некој да нè спречи, а второто полувреме е најдобар доказ за тоа. Знаевме дека Металург ќе биде опасен и мотивиран од првата минута и не можевме да го скршиме нивниот отпор се до средината на второто полувреме, кога нашата одбрана почна да изгледа поцврсто. Ги принудивме да прават грешки, а ние постигнавме неколку лесни голови во нападот. Одлично е чувството да се победи“, смета Гросељ.

В недела од 17.00 часот двете словенечки екипи во СЕХА, Целје Пивоварна Лашко и Горење ќе се сретнат меѓусебе во „Златорог арената“.