Талески: Словенците сакаат крв и играат „фајтерски“? Ќе одговориме со иста мера!

Gol.mk на СП ракомет 2018 во Хрватска

Филип Талески одигра одлични два подготвителни меча со Македонија и ја има потполната доверба од селекторот на Македонија, Раул Гонзалез, пред стартот на Европското првенство (ЕП) кое ќе се одржи во Хрватска.

Пред стартот на натпреварите во Загреб, младата „пушка“ од Крушево ги намести нишаните. Вели дека Словенија ќе биде многу важен натпревар за нас и потенцира дека тој може да биде патоказ за наредните натпревари на континенталниот собир.

„Прв меч ни е со Словенија на ова натпреварување. Истиот е многу важен, односно мора да внимаваме како ќе го отвориме ЕП, затоа што како ќе биде сега, така мислам дека ќе биде и на целото првенство. Исто важна е и Црна Гора, но одиме чекор по чекор. Мислиме на Словенија, имаат повредени играчи. Може да профитираме од тоа ако добро се подготвиме, но мора и да внимаваме. Само да ја играме нашата игра како што знаеме и да одговориме на задачите на селекторот, тоа треба да ни биде главен фокус“, вели Талески.

Водени од темпераментниот Веслин Вујовиќ, словенечките ракометари играат доста агресивен ракомет и често знаат дури и да „тепаат“ за секоја топка. Талески вели дека Македонија овој пат нема да потклекне на притисокот како на СП во Франција, туку ќе возврати со иста мера, мудро и искусно.

„Ќе подготвиме добра тактика, Словенците се познати дека сакаат крв, сакаат да се „тепаат“ на паркетот, но ние нема да потклекнеме на тоа како во Франција. Ќе одговориме во иста мера, ќе подготвиме добра тактика да им се спротиставиме, за да дојдеме до добар резултат, затоа што ако дојдеме до позитивен резултат на првиот натпревар ќе добиеме позитивна самодоверба и на остантите средби“, заврши крушевчанецот.

Македонија во текот на денешниот ден ќе има два тренинга - едниот во загрепска „Арена“, вториот во „тренинг-базата“ „Дом Спортова“. Мечот со Словенија се игра в сабота, од 19.30 часот.