Стојановски: Вардар го сочува тимот што сезонава е неприкосновен во Европа

Давор Стојановски, директорот на Вардар, изрази задоволство по продолжувањето на соработката со трите ракометарки на црвено-црното семејство - Татјана Хмирова и Андреа Кликовац, кои го продолжија договорот за дополнителни две сезони, како и Барбара Лазовиќ која ќе остане во Скопје уште најмалку една сезона.

Стојановски вели дека е среќен затоа што Вардар го сочувал тимот кој сезонава е неприкосновен во Европа и потенцира дека црвено-црните остануваат стабилен клуб кој цели на трофеј во Лигата на шампионите.

„Вардар го сочува тимот што сезонава е неприкосновен во Европа. Сметаме дека имаме добра комбинација на играчи кои имаат уште потенцијал во себе и можеме заедно да постигнеме уште повеќе. Сакаме да бидеме стабилен клуб кој ќе ги задржи сите што се вклопуваат во нашата стратешка цел – освојување на лигата на шампионите. Задоволни сме од нивните настапи, верувам во иднина ќе покажат уште подобри игри“, изјави Стојановски.

Вардар е лидер во втората фаза од женската ракометна ЛШ и веќе има обезбедено пласман во четвртфиналето. Во наредното коло од ракометната елита гостин на црвено-црните во Скопје е црногорски Будуќност (26 февруари).