Стоилов: Тунижаните ни се големи должници, утре нема да разочараме

Gol.mk на светско првенство во ракомет

Еден од оние кои најмногу го пече последниот туниски дебакл е Стојанче Стоилов, кој по априлскиот дебакл во Полска не штедеше зборови да ја означи нашата лоша партија. Денес капитенот на Вардар верува во одмазда и реванш за тој пораз. 

„Последниот натпревар против Тунис мина лошо и не баш како што се надевавме, па тие ни се големи должници. Се надевам дека ќе успееме да им се одмаздиме за тој меч во Гдањск и нема да разочараме утре попладне. Можеме без притисок и без дополнителен набој да почнеме со триумф. Лошо изгледавме на последниот натпревар против Тунис, но на натпреварите на големите приредби секогаш влегуваме поеуфорично. Ќе играме борбено и ќе покажеме дека нема предавање со никој ривал“, ни рече Стоилов.

Групата македонски навивачи пристигна во Мец вчера, а голем број наши сонародници од западна Европа утре на денот на натпреварот ќе дојдат во ова мало градче на германско-француска граница да навиваат за Македонија.