Штербик: Вардар може да се победи само самиот себе, сакам сите среќни да се разделиме!

Еден од најдобрите светски голмани Арпад Штербик дојде напомош во Хрватска и со своите одбрани ѝ донесе злато на Шпанија, а сега се фокусира на Вардар, каде ја игра последната сезона во кариерата. 

Вардарци се актуелни европски шампиони, итаат кон ново четвртфинале, а Штербик повторно е еден од клучните играчи. Во интервју за СЕХА-лигата, чуварот на мрежата зборуваше за себе, за настапот со Шпанија на Европското првенство за целите со Вардар и околу тоа како сака да си замине од „црвено-црниот“ табор.

Во продолжение, прочитајте го интервјуто со еден од најдобрите светски голмани.

* Сезонава покажа дека за голманите возраста не е важна за постигнување добри резултати. Има ли некоја тајна, колку постар - толку подобар?

„Не верувам дека тоа е поврзано со возраста. Кога си постар си поискусен, но губишп од физичките предиспозиции некогаш. Годинава поставивме висока одбрана и физички сме силни. Можеби и затоа сме добри на сите натпревари. Не може се сам голманот, треба да има некој договор со одбраната. Колку е таа добра, толку и голманот има полесна задача.

* Во Вардар на многу натпревари беше џокерот на тимот за победа. Сега истото се случи и со Шпанија на Европското првенство. Што помисли прво кога те повикаа да дојдеш за полуфиналето?

„Прво помслив како да откажам, но бидејќи имаше само уште еден јуниор морав да заминам. Му реков на селекторот дека можам само да помогнам бидејќи не сум во добра форма, зашто немам долго време играно, а и Коралес до тој момент бранеше добро на Европското првенство. И за среќа се заврши како што посакувавме, освоивме златен медал“

* Мислиш ли дека делуваш страшно за противничките играчи кога ќе застанеш меѓу стативите?

„Можно е така да изгледа од страна кога се гледа. Тоа треба да се прашаат играчите кои играат. Има доста ситуации кога играчот ќе скокне од девет метри а пред нив е Борозан и Криштопанс, прво размислува како нив да ги мине, па дури за мене.

* Има ли некој играч што ти е посебно незгоден и неговите удари тешко ги браниш?

„Нема некој посебно играч за кој сметам дека е незгоден. Денеска има многу квалитетни ракометари. Скандинавците имаат одлични играчи, па и Французите. И сите ги почитувам без разлика во која екипа играат и колку се искусни.

* Тешко ли е да се мотивираш за натпреварите, особено што покрај себе имаш помлади колеги?

„Мора секогаш да се докажуваш на натпреварите. Нема натпревар што го добиваш со име. На некои мечеви е тешко да се даде максимум. Некогаш имаш 8 некогаш 20 одбрани. Но, кога играш добро, полесно се оди дома после меч, без разлика на резултатот.

* Сезонава Вардар е суверен во сите натпреварувања, во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Има ли некој што навистина може да ве сопре?

„Можеме ние самите себе да се победиме. Имавме и доста повреди но успешно ја завршивме годината. Стигнавме и здрави од Европското првенство. Сега пред нас се други предизвици и сите работиме на топа да ги оствариме зацртаните цели.

* Во СЕХА лигата веќе е обезбеден пласман на Ф4 турнирот, и може ли Вардар да биде втор тим што ќе победи две сезони по ред и ќе го освои четвртиот трофеј?

„Ќе се бориме за победа на Ф4 на СЕХА лигата. Има неколку сериозни кандидати за трофејот: Загреб, Мешков и Целје. Не знам каде ќе се организира турнирот. Целје е сериозен тим и тоа го покажува и во лигата на шампионите. Ако се игра во Словенја ќе бидат фаворити.

* На крајот од сезоната заминуваш од Скопје. Која е желбата, пред збогувањето со „црвено-црниот" дрес?

„Желба ми е што повеќе да постигне клубот и јас лично. На 1 јуни кога ќе ја затвориме сезоната сите да бидеме задоволни.