Штербик: Сакаме да го победиме Сегед, важен е секој бод!

Арпад Штербик е еден од најдобрите членови на Вардар на мечевите во Лигата на шампионите. Голманот брани одлично, на секој натпревар има двоцифрен број одбрани, а посакува таква партија и на наредниот меч во елитата против унгарски Пик Сегед.

„Црвено-црните“ гостуваат во Сегед и со евентуална победа ќе направат голем исчекор напред кон првото место во групата од Лигата на шампионите. Штербик вели дека доколку македонскиот првак победи, ќе има добра позиција во ракометната елита.

„Ако победиме во Сегед би имале добра позиција и до крај да ги одиграме другите три меча позитивно, потоа би ја исполниле целта да бидеме во горниот дел од табелата. Ако загубиме во Сегед можеме во недела да бидеме и четврти. Тука секој бод е важен и сега гледаме колку ни требаа бодовите во Загреб. Нашиот ривал е добра екипа и одличен тренер, и ретко која екипа го добива таму натпреварот. Кјелце губеше до 50 минута, па потоа голманот одбрани и се сврте резултатот. На ваков натпревар одбраната треба да биде добра за да добиеме на сигурност. Потоа е полесно да погодиш од полуконтра и контра. Се надевам дека ќе влеземе добро и ние голманите ќе помогнеме на натпреварот“, изјави Штербик.

Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Вардар се игра утревечер (сабота) од 17.30 часот.