Шпилер: Македонците играат со срце, никој не сака да игра против нив на стартот!

Gol.mk на СП ракомет 2018 во Хрватска

Давид Шпилер, легендата на словенечката ракометна репрезентација, за тамошните медиуми ги искажа своите очекувања од Европското првенство во Хрватска, а меѓу другото кажа и неколку збора за нашата ракометна селекција. 

Човекот кој на 138 натпревари го носеше дресот на Словенија, истакна дека квалитетот на Македонија е неспорен, репрезентативците играат со срце и дека ниту една селекција не би сакала да игра против нив на стартот на големите собири.

„Македонија е противник кој никој не би го посакал на стартот на еден собир, барем не во групната фаза, а за понатаму може. Секој лаик може да виде дека Македонија е моќна и има големо срце, но мислам дека физичката подготвеност ѝ е под нивото. На ваквите собири се игра пеколен ритам, па затоа мислам дека Македонија ќе започне добро, а потоа ќе падне нивната игра. Овој ритам на игра е премногу за нив“, изјави некогашниот член на Металург. 

Нашата селекција утре со почеток од 19.00 часот ќе го одигра првиот натпревар на овој континентален собир, а противник ќе ѝ биде третата светска сила, Словенија.